„Спортс илустрејтед“, конечно, откри кој ќе ја краси насловната страница на неговото престижно годишно издание во костим за капење и магазинот овој пат избра сосема ново лице.

Уредниците се решија за 24-годишната Даниел Херингтон, која лани првпат се појави на страниците на ова спортско списание, што, всушност, беше и почеток на нејзината кариера на модел.

Фотосесијата што е сон на секој модел ја сними Бен Вотс на островот Харбор на Бахами.

„Првата фотосесија ја правевме на Фиџи и бев толку нервозна, што колената ми се тресеа. ‘Спортс илустрејтед‘ беше мојата прва работа како модел и дефинитивно чувствував огромен притисок“, се присети Херингтон.

Набргу потоа, таа дебитираше и на модните писти, на ревијата на Филип Плејн на Њујоршката модна недела, заедно со Ирина Шајк и Адријана Лима.

„Не можев да поверувам кога во бекстејџот се сретнав со Адријана Лима. Таа е уште поубава во живо“, откри Херингтон.