МОДЕН МАГАЗИН ЈА ОСТАВИ БЕЗ КОСА ОСКАРОВКАТА ЛУПИТА НЈОНГО

Лондон, (Би-Би-Си)

Американската актерка Лупита Нјонго го нападна модниот магазин „Грација“ што ѝ ја отстранил косата на фотографиите што се појавија во неговото ноемвриско издание.

„Разочарана сум што магазинот ја фотошопирал мојата коса, за да одговара на нивното сфаќање за тоа како би требала да изгледа убава фризура“, се пожали 34-годишната оскаровка, која има потекло од Кенија.

Таа објави две фотографии на Инстаграм, оригиналната и фотошопираната, од која се гледа дека ѝ недостига задниот дел од косата.

„Јас го почитувам моето потекло и иако пораснав со убедување дека бледа кожа и рамна коса се стандарди за убавина, сега знам дека и темна кожа и виткана коса се, исто така, убави. Сепак, нѝ претстои уште долга борба со предрасудите против стилот на црните жени“, напиша Нјонго на Инстаграм.

Британскиот магазин не се огласи со коментар.