МОДЕН ВИКЕНД СКОПЈЕ ПОЧНУВА НА 29 ОКТОМВРИ СО ФОКУС НА ОДРЖЛИВА МОДА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 29 октомври до 5 ноември, по 31. пат ќе се одржува Моден викенд Скопје. Годинава, модните ревии, работилници и дискусии се под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики на македонската модна сцена“.

Настанот започнува со едукативни активности и креативни работилници на 29 октомври во 12 часот. Во Центарот за поправки „Ништо ново“ (АРНО), дизајнерката Ирина Тошева и тимот на „Ништо ново“ ќе ја водат работилницата „Од стара облека до уникатен моден додаток“, посветена на повторната употреба и вториот живот на материјалите.

Следниот ден во Македонско село, Изабела Соколовска ќе ги обучува младите креатори на интерактивните работилници „Нишки од природата“, кои го спојуваат занаетчиството со современата еко-свест.

За време на главниот викенд од 31 октомври во 2 ноември, во просторот „Дајмонд оф Скопје“ ќе се одржат панел-дискусии и ревии во рамките на европскиот проект „MISSION4WATER“ посветени на иновациите и одржливоста. Ќе се зборува за микропластиката, новите технологии и за улогата на модата во зелениот развој и ќе биде презентиран проектот „Зелена и одржлива мода – Нордиско-балтичка приказна“, организиран од скандинавските амбасади на Западен Балкан.

Дизајнерката Ирина Тошева ќе го претстави проектот „Социјална одржливост и овластување преку дизајн“, направен во соработка со женскиот затвор „Идризово“. Ќе се одржи и презентација на глобалното движење „Bodyright“, под покровителство на УНФПА, кое го крева гласот за борба против насилството врз жени и девојки во дигиталниот простор. Ревијата „The Bodyright – Own Your Body Online“, во копродукција на Ангела Бикова, Карол Фаријас и Палома Гарсија Лопез, се организира со поддршка на Амбасадата на Шпанија и УНФПА.

Модната програма продолжува со ревиите на Мирјана Јосифоска, Марија Пољакова и Мис Мила и со студентските ревии на Алејна Мамути, Арбеса Абази, Фикрије Мема, Јета Морина, Мартина Андреевска и Назлишах Таќи.

Најавена е и модна аукција под покровителство на Амбасадата на Франција на тема „Мода и занаетчиство – колаборации помеѓу дизајнери и занаетчии“. На аукцијата ќе учествуваат модните дизајнери Никола Булески, Никола Ефтимов, Лидија Георгиева, Изет Цури, Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, Силвија Михајловска, Катерина Тошева, Снежана Ефковска, Ивана Груевска, Радмила Давидовиќ Настев, Александар Стојанов-Зорин и други.

Целосната програма е на овој линк.