Пиењето коктел на врвот на облакодер во Дубаи можеби изгледа доволно декадентно, но еден претприемач од Гренланд сака да ја зголеми возбудата со додавањето древен мраз во чашата. Фирмата „Арктик ајс“ собира мраз од фјордовите на Гренланд и го испорачува во Обединетите Арапски Емирати, каде што се користи во ексклузивни барови.
Ставањето мраз од глечерите во пијалаци е вообичаена практика на Гренланд, но неколкумина бизнисмени досега имаа неуспешни обиди да го извезуваат.
Коосновачот на „Арктик ајс“, Малик Расмусен, вели дека мразот, кој бил компресиран со милениуми, е целосно без меурчиња и се топи побавно од обичниот мраз. Исто така, почист е од замрзнатата минерална вода што обично се користи за коцки мраз во Дубаи.
„Нашиот мраз доаѓа директно од природните глечери на Арктикот, кои се во замрзната состојба повеќе од 100.000 години. Овие делови од ледените плочи не биле во контакт со ниедна почва и никогаш не биле загадени од човечки активности. Ова го прави арктичкиот мраз најчистата вода на Земјата“, велат од компанијата, основана во 2022.
Таа го вади мразот со специјален брод од фјорд близу главниот град на Гренланд, Нук, и потоа го превезува до првата станица Данска. Патувањето на мразот до Дубаи, долго над 16.000 километри, трае 19 дена.
„На Гренланд може да се заработува само од риба или туризам. Јас сакав да најдам нешто друго“, изјави Расмусен.