Под мотото „Модна слобода: Стоп за задевање“, млади модели настапија на модната ревија со постара, редизајнирана облека на 31. Моден викенд Скопје.

Пред ревијата, организацијата за социјална интеграција СИЕЦ одржа дискусија на тема „Модна слобода: Стоп за малтретирањето“.

Младите да не се плашат да го покажат својот личен стил и да не бидат малтретирани од врсниците ако не носат брендови, истакнаа повеќе говорници на дискусијата.

„Најголема вина имаат турбофолк пејачите кои младите ги слушаат и се облекуваат како нив. Ако некој облече кожена јакна со боцки на пример, врсниците веднаш ќе го наречат секташ, истите тие кои се облекуваат како да промовираат неморал. Ги повикувам медиумите повеќе да пишуваат на оваа тема“, рече актерката Елизабета Клинчаревска-Младеновска, која беше модел на ревијата.

„Модата е начин на изразување на слободата кај младите и личен избор. Не смееме да дозволиме младите да се жртви на булинг поради тоа како се облекуваат. Не е важно дали носат брендови или не“, рече стилистката Елена Цветковиќ.

На ревијата учествуваа говорниците, но и повеќе средношколци и основци, кои носеа стари маици преработени во фустани, модни додатоци направени од еколошки материјали и друга уникатна облека.
М. ЏАРОВСКА
