НОВАТА ГИТАРА НА „ФЕНДЕР“ ВО ИСТО ВРЕМЕ Е И АКУСТИЧНА И ЕЛЕКТРИЧНА

Лос Анџелес, (Ројтерс)

„Акустична, електрична и сѐ што е меѓу“, така легендарниот производител на гитари „Фендер“ го опиша својот нов „Акустасоник телекастер“, која ќе се продава по цена од 2.000 долари.

Таа ќе се произведува во фабриката на компанијата во Калифорнија и е прва акустична гитара што „Фендер“ ја создал во САД по повеќе од половина век. „Фендер“ веќе продава акустични гитари, но тие се прават на други континенти и се многу поевтини.

„Досега во САД немавме линија акустични гитари што беше прифатена од музичари, особено професионални. Инсистиравме оваа гитара да биде направена во Калифорнија, бидејќи потеклото е многу важно за еден музичар. Тоа е знак на квалитет“, изјави извршниот директор на „Фендер“, Енди Муни.

„Акустасоник телекастер“ изгледа како „телекастер“, а имитира акустични тонови. Муни се надева дека со оваа акустично-електрична гитара ќе создадат нова категорија, бидејќи таа може да се приклучи и на засилувач и на лап топ, за да се прават дигитални снимки.