Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, се пошегува за своите уши и побелена коса и ја пофали својата згодна сопруга Мишел, при откривањето на нивните официјални портрети во музејот „Смитсонијан“.

Брачната двојка Обама ги избра уметниците Кехинде Вајли и Ејми Шералд за нивните слики, кои ќе бидат поставени во колекцијата на претседателски портрети.

Се обидел да преговара да има помалку сива коса и помали уши, но не ги доби. – Обама со уметникот Кехинде Вајли (Фото: Гети)

Вајли и Шералд се првите црномурести уметници од кои некогаш било нарачано да насликаат претседател или прва дама за „Смитсонијан“.

На портретот од Вајли, поранешниот претседател е прикажан како седи на кафеав стол, со позадина со светлозелени лисја и шарени цвеќиња.

Сликата на Шералд ја прикажува Мишел во седечка положба, облечена во долг тесен фустан со геометриски форми. Според „Харперс базар“, фустанот е од американскиот бренд „Мили“, од дизајнерката Мишел Смит. Моделот е од колекцијата пролет 2017, кој беше претставен на Њујоршката модна недела во септември 2016 година.

Сликата на уметницата Шералд ја прикажува Мишел во седечка положба, облечена во долг тесен фустан од американскиот бренд „Мили“ (Фото: Гети)

Обама, првиот црномурест претседател на САД, ѝ се заблагодари на Шералд за нејзиниот портрет на Мишел.

„Сакам да ви се заблагодарам за толку спектакуларниот приказ на грациозноста, убавината, интелигенцијата, шармот и на сексапилноста на жената што ја сакам”, рече Обама и се пошегува:

„Се обидов да преговарам да имам помалку сива коса, но уметничкиот интегритет на Кехинде не би му дозволил да го направи тоа. Се обидов да преговарам и за помали уши, ни тоа не го добив“.

Уметничкиот критичар на „Њујорк тајмс“, Холанд Котер, изјави дека бил импресиониран од необичниот изглед на Барак Обама, но е разочаран што во портретот на Мишел фокусот е на нејзиниот фустан.