Плажа во Грција доби нов, уникатен пејсаж, откако пајаци среде сезона на парење ја покрија со 300-метарска пајажина.

Оваа несекојдневна глетка може да се види во градот Аитолико во западна Грција, чијашто плажа е под целосна окупација од пајаците од видот тетрагната. Познати по своите издолжени тела, тие се доволно лесни и мали за да одат по вода побрзо отколку по копно. Сепак, велат стручњаците, тие не претставуваат никаква опасност.

„Овие пајаци не се опасни по луѓето и не можат да повредат. Ова е сезонски феномен, што се случува кога пајаците се парат, а оваа година се создадоа совршени услови за експлозија на нивната популација поради зголемувањето на бројот на комарци. Пајаците ги користат тие услови и си прават забава“, вели молекуларниот биолог Марија Хацаки, додавајќи дека овој феномен е присутен во регионот од 2003 година и дека не ја оштетува вегетацијата.