АЈФЕЛОВА КУЛА ДЕЛУМНО ОТВОРЕНА, ПОСЕТИТЕЛИТЕ МОРА ДА ИСКАЧАТ 674 СКАЛИЛА

Париз, (Би-Би-Си)

Ајфелова кула денеска ги пречека првите посетители по повеќе од три месеци и освен што денот во Париз е топол, од нив се бараше и добра физичка подготвеност.

Бидејќи лифтовите остануваат вон функција најмалку до 1 јули, најпознатата париска знаменитост мора да се искачува по скали и тоа со заштитна маска на лицето. До самиот врв водат 1.665 скалила, но бидејќи сѐ над второто ниво засега останува затворено, посетителите имаат само 674 скалила за искачување.

„Потребни се околу 30-45 минути за да се стигне до второто ниво, што, сепак, зависи од тоа колку добро сте подготвени“, стои на сајтот на Ајфелова кула.

Оттаму ги советуваат луѓето со мали деца или бебиња и оние со послабо здравје засега да ги избегнуваат посетите на кулата.

„Лифтовите што водат од второто ниво кон врвот се мали. Се надеваме дека ќе ги отвориме подоцна во летото“, вели операторот на кулата.

Ајфелова кула годишно ја посетуваат околу седум милиони луѓе, од кои три четвртини се од странство.