Грција следниот месец ќе го отвори својот прв подводен музеј, кој ќе ги открива богатството на морскиот живот и историските остатоци покрај брегот на западниот егејски остров Алонисос.
Локацијата ќе биде отворена за тури со лиценцирани водичи од 3 август до 2 октомври и ќе им овозможи на аматерските нуркачи да ги истражат остатоците на брод кој потонал во петтиот век пред нашата ера, носејќи товар од стотици амфори со вино.
Благодарение на своите археолошки богатства и исклучително богатиот морски свет, нуркачката локација Перистера има заштитен статус на морски парк и важи за една од најинтересните во Грција.
Остатоците од бродот од 126 тони се откриени во почетокот на 1990-ите и го променија сфаќањето на археолозите како се граделе бродови во античко време. Амфорите денес се дом на риби, морски сунѓери и на други морски суштества, што сѐ заедно ја прави глетката спектакуларна.
„Многу е импресивно. Едно е да ги видите амфорите во музеј, а сосема поинаку вака концентрирани“, вели Димитрис Куркумелис, главниот археолог на проектот.
Само мал дел од остатоците досега се истражени и експертите сѐ уште не ја откриле причината за потонувањето на бродот, за кој веруваат дека превезувал 4.000 амфори. Тие сега лежат на длабочина меѓу 22 и 28 метри.