Кога ќе влезе во планинското село Пера Мелана на полуостровот Пелопонез, обичниот Грк можеби нема да може да ги разбере локалните жители. Таму сѐ уште се користи 3.000 години стар јазик, наречен цаконика, а неговите говорници се лингвистички потомци на древната Спарта, легендарниот град-држава.

Денес, само околу 2.000 од 10.000 Цаконијци, главно возрасни, зборуваат цаконика, а јазикот е ограничен на 13 гратчиња и села сместени околу Пера Мелана. И додека грчкиот е официјален јазик во регионот, цаконика главно се зборува дома и одвреме-навреме во јавност и нејзината иднина е неизвесна. На овој јазик нема никаква литература.

Знак за добредојде на цаконика и модерен грчки во селото Пера Мелана

Ја губиме цаконика без автентични учители. Јас се обидувам да го зачувам јазикот веќе 40 години, тоа е моја должност“, вели Томаис Кунија, кој совршено го владее јазикот.

Цаконика не е само важна за идентитетот и културата на Цаконијците, таа е и единственото континуирано наследство на древните Спартанци и еден од најстарите јазици во Европа. Таа се базира на дорскиот јазик, што го зборувале древните Спартанци и е многу поблиску до древниот отколку до модерниот грчки јазик. Двата јазика меѓусебно не се разбираат.

Крајбрежниот град Леонидио е главен град на регионот Цаконија (Фото: Гети)

Цаконика е главниот доказ за нашата врска со Спарта. Ние сме директни потомци“, вели Кунија.

Откако Спарта била освоена од Визиготите во 396 година, градот бил напуштен, а преостанатите Спартанци избегале и се населиле во планинските области оддалечени 55-100 километри. Цаконика низ вековите се пренесувала од генерација на генерација и се зачувала во овие изолирани земјоделски заедници. Таа почнала сѐ повеќе да се губи откако грчкиот станал национален јазик во 1976 година.