ЕБИНГ, МИСУРИ НЕ ПОСТОИ НА МАПА, „ТРИ БИЛБОРДИ“ Е СНИМЕН ВО СЕВЕРНА КАРОЛИНА

Лос Анџелес, (Гардијан)

Ебинг, Мисури не се наоѓа на ниту една мапа, па не се ни обидувајте да го најдете.

Ако сакате да видите каде Мартин Мекдона го снимал својот хит филм за трите билборди, кој е еден од главните фаворити на годинашните Оскари, треба да одите во планините на Северна Каролина, во гратчето Силва.

Со популација од само 2.644 жители, Силва се надева дека малку ќе профитира од успехот на филмот. За почеток, градот постави туристичка мапа, на којашто се обележани локациите каде што се снимени најпознатите сцени, вклучувајќи го и палењето на полициската станица. Тридневната тура низ градот се вика „запознајте ги автентичните локации од ‘Три билбори пред Ебинг, Мисури‘.

Трите билборди од филмот веќе се тргнати (Фото: Фокс)

Директорот на филмскиот оддел на Северна Каролина, Гај Гастер, вели дека Мекдона поминал три дена во државата, разгледувајќи локации, пред да почне со снимањето во март 2016 година и притоа имал специфични барања.

„Мартин сакаше да пронајде мал, поспан град, но место со коешто луѓето ќе можат да се поистоветат. Тој бараше град што има таква главна улица, на којашто лик од филмот ќе може да погоди зграда ако фрли нешто од другата страна“, вели Гастер, алудирајќи на познатата сцена со Френсис Мекдорманд.

Во реалноста, Силва е само попатна станица кон двата национални парка во близина, а трите билборди од филмот веќе не стојат таму.