ГРЦИЈА ВИКЕНДОВ СЕ ОТВОРА ЗА СТРАНСКИТЕ ТУРИСТИ, НО ЌЕ НЕМА ЖУРКИ И МУЗИКА НА ПЛАЖИТЕ

Атина, (Ројтерс)

На плажите во Грција ќе има нови правила на однесување кога земјата повторно ќе почне да ги прима странските туристи од 15 мај. Мерките како социјална дистанца и заштитна маска ќе мора да се почитуваат и на плажите, со тоа што второто ќе важи само за вработените, кои ќе мора редовно да се тестираат за коронавирус.

На баровите нема да им биде дозволено да пуштаат музика. Како што појаснија здравствените власти, бучавата може да придонесе за ширење на коронавирусот така што посетителите се принудени да зборуваат погласно и со тоа испуштаат повеќе ситни честички во воздух и се доближуваат едни до други. Забраната за пуштање музика важи и за рестораните и кафулињата, кои почнаа да работат на 3 мај.

Исто така, меѓу чадорите и лежалките мора да има растојание од најмалку четири метри и редовно ќе треба да се дезинфицираат.

Освен плажите, Грција ги отвора и музеите, театрите и кината на отворено.