АЈАКС ГО ИСТОПИ ШАМПИОНСКИОТ ТРОФЕЈ ЗА ДА ИМ ИСПРАТИ ПОДАРОЦИ НА ФАНОВИТЕ

Амстердам, (АП)

Ајакс го истопи трофејот што го доби како шампион на Холандија, за да им испрати мала сребрена ѕвезда на сите 42.000 сопственици на сезонски билет, кои поради пандемијата не можеа да доаѓаат на стадион оваа сезона.

Клубот објави видео од топењето на сребрената чинија, која потоа беше претворена во ѕвездички од 3,45 грама.

„Тие ќе им бидат испратени на навивачите. Сакаме да ги увериме дека и тие се дел од оваа титула. И порано кажувавме ‘оваа титула е за вас‘, а со делењето на трофејот покажуваме дека тоа е навистина така“, изјави извршниот директор на Ајакс, Едвин ван дер Сар.

Холандската фудбалска федерација кажа дека ќе му даде друга чинија на Ајакс за неговите витрини. Ајакс одигра 30 од 34-те лигашки мечеви пред празни трибини.