Европските плоштади во овој дел од годината вообичаено треба да се полни со тезги и луѓе кои уживаат во греано вино, колбаси и други деликатеси, но тие сега се пусти.

Нирнберг и Дортмунд оваа година не поставија тезги на централните плоштади (Фото: АП)

Божиќните пазари и саеми, омилена традиција во Германија и во околните земји, се придружија на долгата листа на годишни настани кои се откажани или придушени поради пандемијата на коронавирусот. Голем број европски земји минатиот месец повторно воведоа делумни затворања и построги рестрикции за да се скроти ширењето на заразата, а тие најчесто се проследени со забраната за големи собири.

Божиќниот пазар во Стразбур вообичаено брои 300 тезги (Фото: АП)

Нирнберг уште пред еден месец го откажа Кристкиндлесмаркт, еден од најпопуларните божиќни пазари во Германија, кој традиционално привлекува огромен број туристи.

Слична судбина доживеаја божиќните пазари низ цела Германија, вклучувајќи ги Берлин, Дортмунд и Франкфурт, откако властите ги откажаа настаните или самите организатори заклучија дека нема смисла тие да се одржат.

И Брисел и Прага ги откажаа традиционалните божиќни пазари (Фото: АП)

И популарниот божиќен пазар во Стразбур, кој брои околу 300 тезги, нема да се одржи оваа година, а идентична одлука донесоа и властите на Париз, Лион, Брисел, Прага, Лондон, Вилнус и Талин, кој лани беше прогласен за најдобар божиќен пазар во Европа.