„Облак во мала кутија“ е насловена претставата наменета за бебиња и мали деца, која премиерно ќе се изведе вечерва од 19 часот во Театарот за деца и младинци. Оттаму најавуваат дека станува збор за првата интерактивна театарска претстава за бебиња во Македонија, која ја постави Бојана Лазиќ.

„Нејзини гледачи се дечиња кои штотуку наполниле 12 месеци, како и нивните родители. Содржините се прилагодени на возраста на публиката и осмислени се така да ги стимулираат сетилата и да ја поттикнуваат фантазијата. Просторот во кој актерите ги дочекуваат бебињата и родителите е безбеден, удобен, мек и нежен. Во тој простор сите можат да се опуштат и да уживаат. Актерската игра се заснова на импровизации и интеракција. Нема јасни граници за тоа кој е изведувач, а кој гледач“, вели Лазиќ.

Играат Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски и Никола Наковски.

Претставата се изведува за ограничен број на посетители и согласно протоколите за заштита од ковид-19.