КОРОНАВИРУСОТ ГИ ЗАТВОРИ И РАЈСКИТЕ ПЛАЖИ НА СРЕДНА АМЕРИКА И КАРИБИ

Сан Хосе, (Гардијан)

Врвот на сезоната е на плажата Еспадилја во Костарика и таа сега вообичаено би била полна со посетители од сите страни на светот, дојдени да уживаат на нејзиниот бел песок додека околните ридови се прекриени со дождовни шуми.

Но, Костарика во петокот ги затвори сите свои плажи за да спречи ширење на коронавирусот, а локалните хотели откажаа илјадници резервации. Плажите сега се заградени со жолти предупредувачки ленти.

Пандемијата на коронавирусот ја парализираше глобалната туристичка индустрија и илјадници туристи се мачат да се вратат дома. Средноамерикански и карипски земји ги затворија границите и аеродромите и цената на тоа ќе биде многу висока.

Костарика забрани влез за странци до средина на април и за тој период очекува загуба од 600 милиони долари. Слични мерки воведе и соседната Панама, а ресортите во Мексико исто така се соочија со бран на откажувања на резервации. Овој викенд, биле пополнети само 51% од капацитетите.

Коронавирусот не ги поштеди ниту карипските островски држави, кои во голем дел зависат од туризмот. Јамајка и Бахами откажаа годишни карневали, а Порторико и Гваделуп се затворени за туристи на неодредено време.

Ако пропаднат хотелите, сѐ ќе пропадне“, изјави сопственичка на еден хотел во Костарика.