МАЛДИВИ ЌЕ ПРИВЛЕКУВА ТУРИСТИ И СО ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19

Мале, (Си-Ен-Ен)

Малдиви беше една од првите земји која целосно се отвори за туристи во пандемијата, а сега оди и чекор подалеку и ќе се обиде да привлече уште повеќе посетители, нудејќи им можност да се вакцинираат против ковид-19.

Министерот за туризам Абдула Маусум потврди дека Малдиви развива шема наречена „Посета, вакцинација, одмор“. Земјата планира да им понуди две дози од вакцината на посетителите, што значи дека тие ќе треба да останат таму неколку недели.

Маусум се надева дека програмата ќе помогне да се поттикне туризмот на овој архипелаг во Индискиот Океан, кој пред пандемијата имал околу 1,7 милиони туристи годишно. Програмата ќе се активира откако сите 550.000 жители на Малдиви ќе бидат целосно вакцинирани.

Нашата цел е да имаме безбеден туризам со минимум непријатности, па затоа прво сакаме целата земја да биде вакцинирана“, кажа Маусум.