Нови Сад нема оваа година да ја преземе титулата Европска престолнина на културата, откако Европската комисија им го продолжи овој статус на Риека (Хрватска) и Галвеј (Ирска) поради пандемијата на коронавирусот. Во неможност целосно да ги реализираат своите програми во 2020, Риека и Галвеј ќе ја задржат титулата до 30 април 2021.

„Културата беше тешко погодена од пандемијата и програмите од Европска престолнина на културата не се исклучок. Риека и Галвеј заслужуваат фер шанса да ја покажат својата креативност и да реализираат дел од своите планирани програми“, изјави еврокомесарката за иновации, истражување, култура, едукација и млади, Марија Габриел.

Следната година, ќе има три европски престолнини на културата:

  • Нови Сад е вториот по големина град во Србија. Национално разновиден, Нови Сад во 19. век се здобил со прекарот Српска Атина како важен центар на културата, трговијата и производството. Едно од неговите најпрепознатливи обележја е Петроварадинска тврдина, една од најголемите и најдобро зачувани во Европа.
  • Темишвар во западна Романија долго време бил дел од Австро-Унгарија, што денес се одразува во неговите разнобојни историски фасади. Градот сѐ уште го носи прекарот Мала Виена. Во 1884 година, Темишвар станал прв европски град целосно осветлен со електрични ламби. Во споредба со остатокот на Романија, Темишвар има силна економија и ниска невработеност.
  • Елефсина, сместен само 18 километри од Атина, бил еден од најважните верски центри во античко време, легендарен по специјални ритуали посветени на древните грчки божици Деметра и Персефона. Неговото старо индустриско пристаниште денес е познато како гробиште за бродови. Околу 30 пловила ‘рѓосуваат тука со години.