Бирмингем, кој своевремено со гордост се нарекуваше себеси „автомобилски град“, неодамна објави амбициозен план со кој градот ќе биде поделен на зони, при што возачите ќе мора да користат обиколници. Целта е жителите да ги заменат автомобилите со велосипед и автобус, што движењето низ градот би го направило побезбедно и поедноставно, а возењето со автобус побрзо.

Сообраќајниот план на Бирмингем е инспириран од белгискиот град Гент, кој покажа дека е можно преку ноќ да се сменат навиките на граѓаните, станувајќи рај за велосипедисти и пешаци. Планот на Гент, воведен во 2017, ги избрка моторните возила од центарот и им забрани да патуваат меѓу зони, туку тие мора да излезат на обиколница и потоа да влезат. Возачите сфатија дека иако нивното патување е подолго во километри, за него им треба помалку време, бидејќи има помалку возила на патиштата.

Центарот на Гент денес е рај за велосипедисти и пешаци (Фото: Алами)

„Сопствениците на продавници и ресторани предвидуваа пропаст поради оваа мерка, но тоа не само што не се оствари, туку економската ситуација се подобри и се отворија нови ресторани и барови“, вели заменик градоначалникот на Гент, Филип Ватеув, идеен творец на планот.

Тој беше евтин да се спроведе и чинеше само 3,4 милиони фунти. Колку за споредба, за да се изградат еден и пол километри пат, потребни се 20-30 милиони фунти.

Најчестите поплаки од граѓаните беа дека со новиот план нивното патување од 300 метри ќе се зголеми на два километра. Но, тоа и ни беше поентата: ние не сакаме луѓето за 300 метри да седнуваат во автомобил, кога можат да пешачат“, додаде Ватеув.

Гент сега има и почист воздух, откако нивото на азотен оксид паднал за 20% од 2017. Градот исто така сега е многу потивок.

Еден жител ме опиша како најдобриот композитор што го имал градот. Пред да се воведе планот, сѐ што можеше да се чуе беше какофонија од автомобили, а сега се слушаат песна на птици и детска смеа“, додаде Ватеув, кој благодарение на својот план убедливо беше реизбран на изборите.