ПУСТИНСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА ЧАКО – НАЈГОЛЕМОТО ДРЕВНО БОГАТСТВО НА СЕВЕРНА АМЕРИКА

Санта Фе, (Би-Би-Си)

Во срцето на котлината Сан Хуан во северозападниот дел на Ново Мексико лежи едно од најголемите древни богатства на Северна Америка: исклучително добро зачуваните остатоци на огромен комплекс објекти за кој се верува дека бил конструиран меѓу 850 и 1250 година и бил дом на најмногу 5.000 луѓе.

Оваа пустинска област се карактеризира со остри зими, пеколни лета и со само 22 сантиметри дожд годишно, па, сепак, во далечно минато таа била дом на мистериозната цивилизација Чако.

Се верува дека Чако бил конструиран меѓу 850 и 1250 година

Во 1907 година, ова изолирано пустинско пространство од 85 квадратни километри било прогласено за национален историски парк, во чиј состав има 13 големи руини и повеќе од 400 археолошки локалитети. Пуебло Бонито, најголемата локација за ископување, содржи околу 800 соби аранжирани во зграда со облик на латиничната буква Л. Местото било дизајнирано со софистицирани системи за наводнување и истражувачите проценуваат дека тука живееле околу 2.000 луѓе.

Не е познато од кои причини исчезнала цивилизацијата

Денес, посетителите можат да талкаат низ истиот лавиринт од простории и патишта што ги користеле локалните жители пред илјада години. Иако делови од зградите се урнати, остатоците јасно кажуваат како изгледале. За нивна изградба биле искористени околу 200.000 дрвени столбови, веројатно рачно донесени од планините оддалечени над 110 километри.

Еднакво импресивни се патиштата, чија вкупна должина изнесува 650 километри, а на места се широки и девет метри. Иако се верува дека бил трговски центар, Чако имал и голема церемонијална и астрономска важност.

Од 1987 година, националниот парк Чако се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.