СТАР АВТОМОБИЛ ПРЕТВОРЕН ВО НАЈМАЛИОТ ХОТЕЛ НА СВЕТОТ

Јордан, (Си-Ен-Ен)

Повеќето од луѓето се откажуваат од автомобилите кога ќе им се расипе моторот, но Мохамед Ал Малахем од пустинското село Ал Џаја во Јордан го претворил својот стар „фолксваген битл“ во „најмалиот хотел на светот“, како што тој тврди.

Напуштено од жители, кои се иселиле во потрага по модерен стил на живот, селото е лоцирано близу до Ал Шубак, местото на замокот Монтреал од 12. век. Ал Малахем или Абу Али, како што сите го викаат, има посетители од 2011 година, кога по пензионирањето за првпат ги отворил ’рѓосаните врати на неговиот „хотел“ покрај патот.

„Ова село е мој роден крај, тука сум роден, тука пораснав и живеев“, вели Ал Малахем.

„Сакав да започнам проект што ќе ја подобри ситуацијата на селото и ќе придонесе да се препознае на туристичките мапи, затоа што има поглед кон еден од најубавите предели во регионот“.

Иако има место за само двајца луѓе во една ноќ, Абу Али вели дека има посетители од целиот свет, дури и некои познати. Тие што нема да пронајдат место за спиење, можат да уживаат во традиционален појадок или ручек, подготвен од неговите жена и ќерки.

Една ноќ во „фолксвагенот“ чини 40 јордански динари или 56 долари.