Мумиите од древната чилеанска култура Чинчоро, кои важат за најстарите примери на балсамирање на починати луѓе на светот, се додадени на листата на светско наследство на УНЕСКО. Тие се пронајдени во северниот дел на Чиле во почетокот на минатиот век и се стари повеќе од 7.000 години, што значи дека се постари од египетските мумии за два милениума.

(Фото: АФП)

Припадниците на народот Чинчоро биле рибари, ловци и собирачи и живееле пред 7.000 години во областа што денес се јужно Перу и северно Чиле. Досега се пронајдени околу 300 мумии.

При мумифицирањето се отстранувале органите, цревата и ткивото, потоа и кожата, по што телото се обновувало со помош на стапови и животински влакна, додека дебел слој од црна коса се зашивал за скалпот. На крајот, мумиите се фарбале со црвена или црна боја.

Досега се пронајдени околу 300 мумии (Фото: Гети)

„Овие тела биле изработувани од специјалисти, кои се одликувале со суптилност и креативност“, вели чилеанскиот антрополог Бернардо Аријаса.

Останува непознато зошто културата Чинчоро ги мумифицирала мртвите.