„Тито и Дино“ е првата македонска сликовница изработена со специјален фонт за дислексиja, која неодамна ја објави „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Во делото на Јана Мишо, со илустрации на Оливер Коларевски, е користен кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално изработен од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофски факултет во Скопје, со цел да им се олесни читањето на лицата со дислексија.

Според Дамјан Николовски од „Ајнштајн“, објавувањето на „Тито и Дино“ е од големо значење за лицата со дислексија, но и за издаваштвото кај нас.

„Најголема корист од неа ќе имаат учениците со дислексија од раната училишна возраст. Оваа книга ќе донесе многу позитивни промени, не само во издаваштвото, туку и генерално“, вели Николовски.