„ПИПЛ“ ЈА ПРОГЛАСИ МЕГАН МАРКЛ ЗА НАЈДОБРО ОБЛЕЧЕНА ЖЕНА ЗА 2018

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Магазинот „Пипл“ ја прогласи Меган Маркл за најдобро облечена жена за 2018 година.

Маркл (37), која стана војвотка од Сасекс кога се омажи со британскиот принц Хари во мај годинава, ја предводи листата, на која се и холивудските актерки Кејт Бланшет и Сандра Булок, адвокатката за човекови права Амал Клуни и Ким Кардашијан.

„Никогаш досега, на листата не сме имале член на кралско семејство или некој што не е од Холивуд. Но, кога говориме за стилот во 2018 година, тој разговор не може да помине без Меган Маркл“, изјави уредничката за стил и убавина на „Пипл“, Андреа Лавинтал.

Таа додава дека Маркл годинава станала нова модна икона.

„Нејзиниот стил беше во центарот на вниманието оваа година, па решивме дека не треба само да ја ставиме на листата, туку и да ја прогласиме за најдобро облечена. Без разлика дали носи класична сукња, искинати фармерки или, пак, венчаница со тијара, секогаш изгледа шик. Има нешто во неа што изгледа сјајно, без да биде премногу совршена“, рече Лавинтал.