Исланд отвори нова геотермална лагуна, која на посетителите им овозможува да се релаксираат во води што се мешаат со морето.
Инспирирана од локалната култура на бањи, „Скај лагун“ е сместена во пристаништето Карснес, на само неколку минути од центарот на Рејкјавик. Вештачката лагуна има непречен 70-метарски раб, што создава впечаток на претопување со океанскиот пејзаж. Лагуната нуди искуство во седум чекори наречено „Ритуал“, кое комбинира топла и студена вода, топла пареа, сува топлина и свеж воздух.
Во дизајнот на лагуната се вклучени елементи инспирирани од исландската традиција и тамошните куќи со тревнат покрив. Лагуната содржи бар, кафуле и ресторан со традиционални исландски јадења.
Освен океанот, таа нуди неверојатен поглед на прекрасни зајдисонца, поларна светлина и мрачно небо. Дневно ќе може да прими 3.000 посетители.