РИЈАНА СТАНА НАЈБОГАТАТА МУЗИЧАРКА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Лондон, (Би-Би-Си)

Ријана за првпат се појави на Листата на богатите на весникот „Сандеј тајмс“ и веднаш се искачи на третото место, со проценето богатство од 468 милиони фунти. Триесет и двегодишната пејачка од Барбадос, која од неодамна живее во Лондон, ги надмина Елтон Џон (360 милиони) и Мик Џегер (285) на листата на најбогатите музичари во Велика Британија.

Врвот на листата го делат композиторот Ендрју Лојд Вебер и Пол Макартни со по 800 милиони фунти.

Богатството на Ријана најмногу се должи на нејзиниот козметички бренд „Фенти бјути“, каде што поседува 15% од акциите, вредни 351 милион фунти.

„Ријана нѐ фати на изненадување. До неодамна, многу малку луѓе знаеја дека таа живее во Велика Британија и сега е на добар пат да стане првиот музичар со статус на милијардер во земјата“, изјави Роберт Вотс, кој ја составува годишната листа.