Џорџ Клуни и Бред Пит признаа дека се разочарани што нивниот нов филм „Волци“ нема да игра во кината, туку ќе биде објавен директно на стриминг платформата „Епл+“ на 27 септември. И покрај тоа, филмот имаше премиера на Венецискиот фестивал, каде што се појавија и Клуни и Пит.
„Тоа е нешто што го сакавме. Затоа Бред и јас вративме дел од нашите пари“, изјави Клуни, додавајќи дека написот на „Њујорк тајмс“ за нивните плати бил претеран за неколку милиони долари.
Тој сепак нема ништо против стримингот.
„Ни треба стримингот, потребен ѝ е на нашата индустрија“.
Запрашан што значи кога две вака големи филмски ѕвезди не можат да добијат широко киноприкажување како што бараат, Клуни одговори:
„Изгледа сме во пад. Сепак, среќни сме што на оваа возраст сѐ уште добиваме улоги. Бред има 74 години и може да биде среќен што сѐ уште работи“, се пошегува Клуни.
Иако редовно се појавуваат на фестивали, Клуни и Пит претходно само уште еднаш заедно прошетаа на црвениот тепих: за премиерата на „Запали по читањето“ во 2008.