ТИЈАРИ, БРОШОВИ И НАКИТ СО ДИЈАМАНТИ И СМАРАГДИ МЕЃУ УКРАДЕНИТЕ ПРЕДМЕТИ ОД ЛУВР (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Париз, (Си-Би-Ес)

Осум парчиња скапоцен накит, непроценливо богатство, беа украдени на 19 октомври од Лувр во Париз. Грабежот се случи во 9:30 часот, половина час по отворањето на музејот, кога внатре веќе имало посетители. Се верува дека крадците упаднале преку фасадата до брегот на реката, каде што е во тек реновирање, користеле товарен лифт за да стигнат до салата „Аполо“, зеле девет парчиња од колекцијата од 23 предмети поврзана со Наполеон и царицата Ежени и избегале со мотоцикли. Целиот грабеж траел само четири минути.

Тијарата на царицата Ежени

Тијарата со бисери и дијаманти била нарачана од царот Наполеон Трети за да се прослави неговата венчавка со Ежени де Монтижо во 1853 година. Содржи 212 бисери и речиси 2.000 дијаманти.

Брош со голема машна на царицата Ежени

Брошот првично бил во центарот на ремен составен од повеќе од 4.000 камења што припаѓале на крунските дијаманти, кој бил изложен на изложба во 1855 година. Подоцна, царицата Ежени го носела барем двапати.

Тијара, ѓердан и обетки на кралицата Мари-Амели и кралицата Ортенз

Тијара, ѓердан и една обетка со сафири што ги носеле кралицата Мари-Амели и кралицата Ортенз беа украдени од Лувр. Според некои медиуми, комплетот можеби некогаш ѝ припаѓал на Марија Антоанета.

Смарагден ѓердан и обетки на царицата Мари-Луиз

Меѓу украдените парчиња се и смарагден ѓердан и обетки кои биле свадбен подарок од Наполеон за неговата втора сопруга, царицата Мари-Луиз од Австрија, во 1810 година.

Брош со дијаманти

Според веб-страницата на Лувр, овој златен брош украсен со дијаманти првично бил направен за царицата Ежени.

Круната на царицата Ежени

Круната била пронајдена пред музејот. Крадците при бегството изгледа ја испуштиле круната, изработена од злато, смарагди и дијаманти.

(Фото: Гети)