ТРИ ЛОНДОНСКИ РАБОТНИЧКИ ЌЕ СЕ НАЈДАТ НА НАСЛОВНАТА СТРАНИЦА НА „ВОГ“

Лондон, (Би-Би-Си)

Три работнички од Лондон ќе се најдат на насловната страница на британското издание на модното списание „Вог“ следниот месец, за да им се оддаде признание на обичните луѓе кои се ангажирани на истурени работни позиции во времето на пандемијата на коронавирусот.

Машиновозачката Наргис Хорсфорд, Рејчел Милар, бабица во болница во источен Лондон и Аниса Омар, која работи како помошничка во супермаркет, ќе бидат претставени на 20 страници од јулското издание на „Вог“.

„Тие претставуваат милиони луѓе од Велика Британија кои на врвот на пандемијата облекуваат униформа со цел да помогнат. Овој момент од историјата бараше нешто екстрапосебно, шанса да им се заблагодариме на овие луѓе“, вели уредникот на „Вог“, Едвард Енинфул.

„Здравствените работници се исклучително важни, но добро е да се истакнат и работниците од други сектори, кои обезбедуваат услуги што на сите им се потребни во секојдневниот живот“, вели Хорсфорд, која управува со воз веќе пет години.