УКРАИНСКАТА МИС ЈАПОНИЈА ЈА ВРАТИ КРУНАТА ОТИ ИМАЛА ВРСКА СО ЖЕНЕТ МАЖ

Токио, (Би-Би-Си)

Каролина Шиино, Мис Јапонија со украинско потекло, ја врати круната откако еден таблоид откри дека имала љубовна врска со женет маж. Дваесет и шестгодишната Шиино победи на изборот пред две недели, што покрена големи дебати за јапонскиот идентитет. Многумина коментираа дека таа не ги претставува традиционалните јапонски идеали за убавина.

Среде овие контроверзи, локалното списание „Шукан буншун“ ја откри нејзината наводна афера, објавувајќи дека била во врска со инфлуенсер и лекар кој бил женет.

Организаторите на изборот за мис во прв момент ја бранеа Шиино, велејќи дека таа не знаела дека тој бил женет, но вчера ја променија приказната. Шиино се извини и ја врати титулата, која никој нема да ја добие оваа година.

Шиино е родена во Украина, во Јапонија се преселила на петгодишна возраст и пораснала во Нагоја, по што го зела јапонското презиме на очувот. Таа беше првата натурализирана Јапонка која победила на изборот за мис.