УНЕСКО ГО ПРОГЛАСИ ИТАЛИЈАНСКОТО ОПЕРСКО ПЕЕЊЕ ЗА СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

Рим, (Би-Би-Си)

Италијанското оперско пеење е додадено на листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Организацијата во составот на Обединетите нации објави дека ја вклучува четири века старата уметност, во која се мешаат костими, драма и музика, во нејзината категорија на нематеријално културно наследство.

Италијанската опера била развиена кон крајот на 16. век и во почетокот на 17. век во Фиренца, на дворот на семејството Медичи. Таа вообичаено вклучува сложени заплети, виртуозно пеење и разработена постановка.

Ова е само официјалната потврда на она што го знаевме, дека оперското пеење е светска извонредност“, изјави италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано.

За првиот голем композитор на опера се смета Италијанецот Клаудио Монтеверди, кој живеел од 1567 до 1643 година. Денес има околу 60 оперски куќи во Италија, најмногу на светот.

(Фото. Гети)