ВО АТИНА ОТВОРЕН МУЗЕЈ ПОСВЕТЕН НА МАРИЈА КАЛАС

Атина, (Ројтерс)

Од прамен коса до сино-кадифениот фустан што го носеше за незаборавната изведба на Травијата во миланска Скала во 1955, посетителите од денеска ќе можат да им се восхитуваат на предметите што ѝ припаѓале на Марија Калас во нов музеј посветен на легендарниот грчки сопран. Музејот официјално беше отворен од градските власти на Атина вчера, за да се одбележи еден век од раѓањето на Калас.

Изложени се и костуми од бројните настапи на Калас (Фото: АП)

Сместен во трикатна неокласична зграда во срцето на Атина, тој содржи голем број предмети кои се донирани или позајмени од други музеи, како диоптриските очила на Калас, костими од бројните настапи и тетратката во која запишувала делови од своите улоги.

Секој предмет придонесува за создавање сеопфатна слика за оваа неверојатна жена. Марија Калас е едно од најпознатите имиња на светот, таа е жена која стана легенда“, изјави директорот на музејот „Марија Калас“, Костис Бицанис.

Меѓу предметите во музејот се и диоптриските очила на Калас (Фото: АП)

На вториот кат од зградата посетителите можат да слушнат дел од најзначајните изведби на Калас, но и да ја чујат како предава на Џулијард во Њујорк во 1971/72.

Калас е родена на 2 декември 1923 во Њујорк од грчки родители, а почина од срцев удар во 1977.

(Фото: АП)