Чоколаден оскар е еден од заштитните знаци на Гувернерскиот бал, ексклузивната забава која следува по церемонијата на доделување Оскари. Таа ќе се одржи в понеделник наутро по македонско време.
Главен готвач на овие вечери веќе 30 години е Волфганг Пук, чиј тим за кетеринг мора да опслужи 1.500 гости. За да се нахранат сите се трошат 90 килограми чаден лосос, пилешко и говедско, речиси 75 литри соја сос, 27 килограми печурки, 18 килограми ракчиња и карфиол, 100 патки и илјада лепчиња. Неизбежни на менито се и минибургери и пици, а во понуда ќе бидат и 37 десерти, од класични до егзотични.
„Ќе има нешто за секого, без разлика дали се тврдокорни вегани или месојади. Можеме да направиме сѐ да биде вкусно. Сѐ се приготвува во последен момент“, вели Пук, кој успешно се справува и со најпребирливите холивудски ѕвезди.
На минатите свечености, Хоакин Феникс ги пофали неговите вегански азиски специјалитети, Мартин Скорсезе ги одобри неговите тестенини, а ако се појави Барбра Стрејсенд, ќе се послужи нејзината омилена пита со пилешко.
Пет илјади чоколадни оскари попрскани со 24-каратна златна прашина ќе се направат за претстојната забава, со што Пук ќе стигне до бројката од 150.000 вакви десерти во своето тридецениско учество на Оскарите.