Петнаесетмина врвни издавачи и литературни агенти ќе учествуваат на 12. „Скопје фелоушип“ во рамките на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од 21 до 23 септември.
Од фестивалот најавуваат дека ќе дојдат претставник на италијанскиот издавач „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рендом хаус“, актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска и други.
Учесниците ќе имаат средби со претставници на Македонската асоцијација на издавачи, ќе ги следат настапите на писателите и ќе учествуваат на тркалезната маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“.
Учесници на 12. „Скопје фелоушип“ ќе бидат Прашант Патак, Тасја Доркофикис, Иван Федечко, Марко Видал Гонзалес, Франтишек Малик, Силвија Куцоги, Ида Антонела Пасарели, Марта Гурска, Катрин Реинма, Катажина Домањска, Аленка Урх, Александра Апостолаки, Саша Крниќ, Ана Шлосбауер и Тамер Саид. Дел од учесниците на „Скопје фелоушип“ се дел и од проектот „Нашата мала библиотека“, во која учествува и „Прозарт медиа“, организатор на фестивалот.