Академскиот хор „Мирче Ацев“ ќе го одржи својот годишен концерт вечерва (4 декември) во Музејот на македонската борба во Скопје од 20 часот.
Во првиот дел од концертот, хорот ќе испее дела од повеќе композитори, а во вториот дел премиерно ќе ја испее „Книга на Псалмите“ од летонскиот композитор Валц Пуце.
„Драго ми е што нашиот хор е втор во светот кој ќе го изведе ова дело“, вели диригентката Јасмина Ѓорѓеска-Каро.
Пијано придружба на една композиција е Јанинка Невчева, а вокални солисти се Ели Андонова и Нико Ѓоргиески. Анеса Зајази и Енис Аљи се гости на виолончело, а Мојца Седеу на ударни инструменти.
Академскиот хор „Мирче Ацев“, кој работи во рамките на АКУД „Мирче Ацев“, постои од 1949 и следната година ќе прослави 75 години. И диригентката Ѓорѓеска-Каро во 2024 слави јубилеј: таа раководи со хорот 10 години.