СЛИКИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ОД ИТАЛИЈАНЕЦОТ КОРАДИ ЌЕ СЕ ИЗЛОЖАТ ВО ПОРТАТА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

На 15 јуни во 17 часот во Порта Македонија ќе има предавање и ќе се отвори изложба посветени на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна.

Настанот го организира Музејот на македонската борба за самостојност во соработка со Амбасадата на Италија во Македонија. Координатор на настанот е кустос советник Даниела Николова.

Историчарот проф. Фабио Котифава ќе одржи предавање на тема „Италијанската експедиција на Македонскиот фронт во Големата војна: човечката димензија на конфликтот“. Предавањето ќе понуди нови согледувања за улогата на италијанските сили на Македонскиот фронт и за човечките судбини обликувани од воениот конфликт.

По предавањето ќе биде отворена изложбата „Од другата страна на фронтот“, на авторите: Николова и Даниела Митевска, кустос od Музеј на македонската борба за самостојност. Изложбата претставува избор на репродукции од делата на италијанскиот сликар Алфонсо Коради (1869–1957), кој престојувал во Македонија за време на Првата светска војна. Преку неговите цртежи, слики и поштенски картички се документирани македонските предели, населби и секојдневниот живот во годините на воениот конфликт, оставајќи драгоцено визуелно сведоштво за еден значаен период од историјата на Македонија.