Музичарот Гаро Тавитјан стана заштитно лице на американската фирма за музички инструменти „Дадарио“, со која претходно сорабoтувале и славните гитаристи Џими Хендрикс и Стив Вај. Тавитјан јуниор ќе биде нејзин соработник на меѓународно ниво.
Гаро Тавитјан вели дека е горд на поканата за соработка со компанијата која ги произведува најпопуларните жици за гитара во светот, како и пластиките „Еванс“, за кои вели дека се технолошки најсовршените за тапани.
„Пред неколку години, агент на компанијата дознал за мене и за нашата работа со ‘Тавитјан брадрс’ и дошол на нашиот концерт во Карнеги хол во Њујорк. Јас не знаев дека бил во распродадената сала и години подоцна, кога станав соработник на фирмите ‘Зилџан’, ‘Вик фирт’ и ‘Сонор’ и се појавив во магазинот ‘Модерен тапанар’ (Modern Drummer), каде имам и официјална видеообјава со добитници на Греми, пројавиле интерес да ме побараат. За мене, ова е огромна привилегија, бидејќи во нивната историја се највлијателните светски музичари“, ни изјави Тавитјан.