АНА ЧОЛОВИЌ-ЛЕШОСКА ЈА ПРИМИ СВЕТСКАТА НАГРАДА ГОЛДМАН ЗА БОРБАТА ЗА ЗАШТИТА НА БАЛКАНСКИОТ РИС

Сан Франциско, (Си-Ен-Ен)

Македонската активистка и биолог Ана Чоловиќ-Лешоска синоќа во Сан Франциско ја прими престижната светска награда Голдман, со која веќе 30 години им се оддава почит на неуморните борци за заштита на животната средина.

Таа оваа година беше избрана да ја претставува Европа, а на сцената на оперската куќа „Вор меморијал“ ѝ се придружија и останатите пет добитници од Либерија (Африка), Монголија (Азија), Канада (Северна Америка), Чиле (Јужна Америка) и од Кукови Острови (Океанија).

Ана Чоловиќ-Лешоска со своите активности спречи изградба на две хидроцентрали во Маврово

Чоловиќ-Лешоска, основач на невладината организација „Еко-свест“, е наградена за својата повеќегодишна борба против изградба на хидроцентрали во националниот парк Маврово, за што, како што откри, има добивано и смртни закани. Благодарение на нејзините напори, петиции и теренска активност, Светската банка и Европската банка за обнова и развој во меѓувреме го откажаа финансирањето на проектите „Луково Поле“ и „Бошков Мост“, за што вкупно планираа да издвојат 140 милиони долари.

„Ако ве заплашат, тогаш престанувате. Не дозволив ова да превладее, затоа што тоа ќе значеше крај на мојата кампања“, вели 39-годишната Чоловиќ-Лешоска во интервјуто за Си-Ен-Ен.

Во центарот на нејзината борба се најде заштитата на една од најретките диви мачки, балкански рис, за кој се знае дека се размножува токму во Маврово.

„Овие проекти ги сфатив како голема неправда кон природата. Не е како метеор да паднал среде паркот, па го уништил рисот. Ова беше човечка одлука, поддржана од банките, што можеше да придонесе за искоренување на балканскиот рис“, изјави Чоловиќ-Лешоска.