АНДЕ ЈАНКОВ ГО ПРОМОВИРАШЕ НОВИОТ КРИМИ РОМАН „КОБАЈАШИ МАРУ“, ПЕТТИ ЗА ИНСПЕКТОРОТ ВИКТОР НИКОЛОВ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Анде Јанков ја промовираше неговата нова книга, трилерот „Кобајаши Мару“, петта од серијалот за инспекторот Виктор Николов, кој решава интригантни случаи на убиства. Издавач е „Антолог“.

Авторот и натаму има инспирација и внесува интересни заплети, кои го оставаат читателот без здив.

„Инспирација добивам од околината во која живеам. Кога опшеството не е така добро организирано, дава можност да се твори за различни приказни, кои ја претставуваат реалноста во која живееме. А, публиката го чита тоа. Инспекторот Николов останува и во следните дела, но ќе доаѓаат нови ликови. Иако романот во својата жанровска класификација е крими, во него се разработува широк дијапазон на идеи. Приказната е втемелена во времето во кое живееме, но си игра со безвременски концепти кои претставуваат зрела критика на бројни општествени норми и модалитети“, кажа Јанков, кој е дипломиран економист.

Промотор на книгата беше поетесата Даница Лепојевиќ.

„Анде има способност да изгради цел универзум, кој на прва не е забележлив. Игра според правила кои денес ги забораваме. Гради утопија која се заснова на универзална вистина, на вредности кои ги губиме. Тој се стреми да создаде паралелен свет кој личи на нашиот, а разликата е во тоа што е важно и вредно“, вели Лепојевиќ.

П. ПЕЧКОВ