АНГЛИЧАНИТЕ ПОВТОРНО СЕ ЖУРКААТ ПО 17 МЕСЕЦИ ОТКАКО НА ПОЛНОЌ СЕ ОТВОРИЈА НОЌНИТЕ КЛУБОВИ

Лондон, (Ројтерс)

Англиските клабери први го искористија укинувањето на речиси сите ковид рестрикции во земјата, па нагрнаа на првите журки од почетокот на пандемијата за да уживаат во интеракција без ограничувања. Премиерот Борис Џонсон го опиша укинувањето на мерките како „Ден на слободата“, иако бројот на новозаразени е повторно голем и експертите предупредуваат дека ќе продолжи да расте во наредниот период.

Сепак, тоа не ги загрижува младите, кои по 17 месеци рестрикции одлучија веднаш да ги раздвижат подиумите.

Редица пред отворањето на ноќен клуб во Лидс (Фото: ПА)

„Цела вечност не ни беше дозволено да се журкаме. Сакам да танцувам и да слушам музика во живо. Го сакам чувството да се биде на подиум и околу други луѓе“, вели 31-годишната Џорџија Пајк.

Многумина млади велат дека им е доста од рестрикции

Сопствениците на ноќните клубови, музичарите и диџеите велат дека беа очајни да се вратат на работа. Исчекувањето беше толку големо што стотици луѓе направија редици пред омилените клубови во пресрет на нивното отворање на полноќ.

Британија ги затвори ноќните клубови во март минатата година и тие беа единствената дејност која цело време не работеше во пандемијата.