„Ареа“, „Забрањено пушење“, Наум Петрески, Пајак и „Љубојна“ ќе бидат меѓу музичките гости на претстојното издание на Вевчанскиот карневал, што ќе трае од 12 до 14 јануари. Најавувајќи го карневалот, министерот за култура Зоран Љутков го опиша како културна и туристичка актракција и еден од најавтентичните симболи на нашето културно наследство.
„Креативните маски се повеќе од уметнички дела, тие се огледало на времето, носат пораки, ги поврзуваат минатото и сегашноста и го критикуваат општеството. Наша задача ќе биде да го промовираме Вевчанскиот карневал како национален бренд“, кажа Љутков.
Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочоски, кажа дека очекуваат многу гости од Македонија и Европа.
„Карневалот е слика и прилика на она што се случило во општествено-политичкиот живот претходната година во Македонија, па и во Европа. Имаме две василичарски друштва, Горна и Долна маала, организацијата е нивна. Што и како ќе се случува, никој не знае и во тоа е убавината на карневалот. Во овие два дена Вевчани ќе понуди многу забава, со желба дека ќе влеземе во една многу подобра и попросперитетна година“, изјави Кочоски.
Фото: К. Попов