„АВАНГАРДНИ ПАТИШТА“ СО АМЕРИКАНСКИ МУЗИЧАРИ ВЕЧЕРВА ВО МАЛАТА САЛА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Авангардни патишта“ е насловен камерниот концерт на современа, експериментална музика, кој ќе се одржи во малата сала на Македонската филхармонија вечерва во 20 часот. Станува збор за концерт на двајцата исклучителни уметници од САД: Ричард Валитуто, пијано и композиција и Дејв Вилсон, саксофон и композиција.

Валитуто и Вилсон за овој прв заеднички настап во Скопје се одлучија да изведат програма од современи автори, како и нивна композиција „Слант“ која се наоѓа и на нивниот последен албум.

Фокусирајќи се на современата музика, изведувајќи ја на пијано, оргула и чембало, греми номинираниот пијанист Ричард Валитуто се смета за еден од највлијателните автори денес. Тој е солист, камерен музичар, композитор, импровизатор и фантастичен креативец, кој постојано настапува опфаќајќи ги двата брега на САД, како и во Европа. Критиката го опишува со зборовите: „буен солист“, „енергично виртуозен“, „специјалист за нова музика“ („Лос Анџелес Тајмс“).

Вилсон е саксофонист, композитор и етномузиколог. Неговата музика вклучува дела за камерни ансамбли, оркестар и џез-состави, а има работено и во сферата на комерцијалната и филмската музика како изведувач, аранжер и композитор. Зад себе има богато искуство како музички уметник, а неговите последни албуми добија одлични оценки од публиката и од музичката критика.