На 20 и 24 декември од 20 часот, во Националната опера и балет ќе се изведе балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина.
Диригент e гостинот од Ерменија Едуард Амбарцумјан, сценограф е Андреј Злобин, а костимографка е Гана Ипатиева од Украина. Концерт-мајстор е Климент Тодороски.
Во улогите на Китри и Базил на 20 декември ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи од Унгарија, а на следната изведба Наташа Трендафилова-Гицев и Виктор Ишчук од Украина. Настапуваат и солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на НОБ, заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус напишал неколку популарни балети и речиси сите и денес се изведуваат во целиот свет. „Дон Кихот“ е базиран врз истоимениот роман на Мигел де Сервантес.