СО „КАВАЛЕРИЈА РУСТИКАНА“ НА 11 СЕПТЕМВРИ СЕ ОТВОРА НОВАТА СЕЗОНА ВО ОПЕРАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи на 11 септември во 20 часот ќе се отвори новата сезона на Националната опера и балет (НОБ). Со едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам ќе диригира Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари од Италија.

Во улогата на Сантуца ќе настапи првенката на НОБ Весна Ѓиновска-Илкова, Туриду ќе го игра Зоран Сотиров, Алфио е Марјан Јованоски, Лола еКатерина Стојановска, а Мајка Лучија Соња Пендовска- Мадевска. Ќе настапат и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Сценограф е Зоран Николовски, костимограф Елена Дончева, концерт-мајстор Јане Бакевски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Операта „Кавалерија рустикана“ премиерно била изведена во 1890 и е делото со кое Маскањи се вброил меѓу најзначајните претставници на италијанскиот оперски веризам. Делото и денес редовно се изведува на светските оперски сцени.

„Кавалерија рустикана“ има и посебно место во историјата на македонската опера. Со изведбата на ова дело на 9 мај 1947 почнала организираната оперска дејност во Македонија, што му дава дополнителна симболика на отворањето на новата сезона со операта на Маскањи.