БАРСЕЛОНА, ТЕЛ АВИВ И ВАЛЕНСИЈА МЕЃУ НАЈЗАГАДЕНИТЕ МЕДИТЕРАНСКИ ГРАДОВИ СО ПЛАСТИЧЕН ОТПАД

Женева, (Би-Би-Си)

Девет крајбрежни локации, вклучувајќи популарни туристички градови, се идентификувани како најзагадени со пластика на Медитеранот, се вели во новиот извештај на организацијата Светски фонд за природа (ВВФ). Меѓу нив се најдоа и Барселона, Марсеј, Тел Авив и брегот на Венеција кај реката По.

Во извештајот се вели дека сите медитерански држави не успеваат да се справат со загадувањето со пластика, при што во Средоземното Море секоја година завршуваат 570.000 тони пластичен отпад, што е рамно на 33.800 шишиња во минута.

Сите медитерански земји потфрлуваат во собирањето на својот отпад. Производството на пластика е многу евтино, додека управувањето со отпадот и загадувањето прескапо ги чинат општествата и природата“, изјави директорот на ВВФ, Џузепе Ди Карло.

Според ВВФ, најголемото загадување со пластика е забележано на крајбрежјето на Киликија во југоисточна Турција, 31,3 килограми ѓубре на еден километар. Потоа следуваат Барселона (26,1 килограм), Тел Авив (21), делтата на По (18,2), Валенсија (12,9), Александрија (12,7), Алжир (12,2), заливот на Марсеј (9.4) и Измир (7,2).

Египет е наведен како најголем извор на пластичен отпад (0,25 милиони тони годишно), пред Турција и Италија, која важи за најголем потрошувач на пакувана вода на светот.