БРЕЈКДЕНС МОЖЕ ДА СТАНЕ ОЛИМПИСКИ СПОРТ

Париз, (Би-Би-Си)

Брејкденс е предложен да биде вклучен во програмата на Олимписките игри во Париз во 2024 година, објавија организаторите. Тој дебитираше на ланската Младинска олимпијада во Буенос Аирес, а конечната одлука дали и официјално ќе стане олимписки спорт ќе биде донесена во октомври.

Претходно, на Олимпијадата 2020 во Токио, првпат ќе се појават спортско качување, скејтбординг и сурфање.

„Вклучувањето на нови спортови ќе ги направи Олимписките игри поурбани и поуметнички“, изјави Тони Естанге, шефот на Организацискиот одбор на ОИ 2024 и трикратен олимписки првак во кану.

Први младински олимписки прваци во брејкденс станаа Русинот Сергеј Чернишев и Јапонката Раму Каваи.

Во исто време, зелено светло не добија сквош, шах и билјард.