ЧИТАТЕЛИТЕ ВО ФРАНЦИЈА ГО ДОБИЈА НОВИОТ БРОЈ НА ВЕСНИКОТ КОЈ ИЗЛЕГУВА САМО ВО ПРЕСТАПНИТЕ ГОДИНИ

Париз, (Би-Би-Си)

Единствениот весник на светот кој излегува еднаш на четири години денеска повторно може да се купи во француските трафики. Сатиричниот таблоид „Ла бужи ди сапер“ (La Bougie du Sapeur) излегува само на 29 февруари, односно во престапните години. Првиот број беше печатен во 1980, па ова му е само 12. издание.

Започнат од група пријатели кои „сакале малку да се пошегуваат“, „Ла бужи ди сапер“ се печати во 200.000 примероци. Неговата цена е 4,90 евра, што е повеќе од доволно за да се покријат трошоците. Името „Ла бужи ди сапер“ на француски значи свеќата на член на општественото движење Ла сапе, кои се дотеруваат и ставаат акцент на стилот и изгледот.

Откако првиот број се распродаде за два дена, издавачите ни побараа уште копии. Рековме, во ред, но ќе почекате четири години. Весникот и натаму го прават неколкумина пријатели. Се среќаваме во бар и разменуваме идеи додека пиеме. Нашата цел е да се забавуваме“, изјави главниот уредник Жан Д‘Инди.

Опишан како неполитички коректен, весникот ги има сите стандардни рубрики, како политика, спорт, култура, свет и трачеви. Но, текстовите содржат хумористични коментари, а една од приказните во весникот ќе добие продолжение во 2028.

Весникот нема онлајн издание, туку може да се набави само во трафика.