ДЕЛАТА СОЗДАДЕНИ НА 17. ГРАФИЧКА РАБОТИЛНИЦА „СОФИЈА“ ИЗЛОЖЕНИ ВО БОГДАНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци се отвори изложбата со над 60 графички дела изработени на 17. меѓународна графичка работилница „Софија“. На неа учествуваа 15 студенти од Србија, Хрватска, БиХ и Македонија, кои под менторство на професорката Ива Ќуриќ од Хрватска и со асистенција на Вида Меиќ и Сања Жигиќ од Нови Сад создадоа дела во различни класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат и пропустен печат.

„Графичката работилница ‘Софија‘ го презентира Богданци во неговото најдобро светло и ги охрабри присутните да ги нахранат своите гладни очи со уметност“, кажа претседателот на здружението Виктор Семенпеев.

Графичката работилница „Софија“ е основана во 2008 и стана центар за творештво и размена на идеи помеѓу младите графичари од регионот. Досега низ оваа работилница поминале над 300 уметници, а во нејзиниот фонд има околу 900 графички дела.