Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје со кантавторката Мијата ја сними дуетската песна „Гуш и бац“ со која ќе настапат на детскиот фестивал „Златно славејче“ на 16 ноември во Македонскиот народен театар.
„Деновиве влеговме во студио и ја снимивме третата песна која е посветена на другарството, на прифаќањето, почитувањето, на заедничкото. И секако дека песната го носи најубавиот наслов кој ги опфаќа сите убавини во цел свет а тоа е ‘Гуш и бац. A и како инаку би се викала нели?“, вели Јанкуловски.
Песната ја напиша Весна Малинова, Наташа Крстевска-Мијата е продуцент, a aранжер е Бојан Димитровски. Освен Мијата и Јанкуловски со нив пеат и Димитар Иваноски, Стефан Маневски и хорот на „Златно славејче“. „Мунлајт“ продукција сними спот за песната.
Неодамна, Јанкуловски организираше инклузивен настан наречен „Пешачиме за поддршка“. Целта на настанот, како што рече е да им се даде поддршка на лицата со атипичен развој.
Во јуни, на сцената „Школка“ во скопскиот Градски парк, се одржа манифестацијата „Повторно заедно“, забава за децата со атипичен развој. Јанкуловски кој за време на пандемијата стана популарен на социјалните мрежи и во јавноста како Денис Космонаутко, петта година по ред со голем ентузијазам е дел од организацијата на овој настан, како претседател на здружението „Аутизам ААМК“. Во медиумите и на неговиот Фејсбук профил тој постојано апелира до луѓето да им помагаат на децата ао аутизам и да се обидат да го разберат нивниот свет.
Новиот водител на „Златно славејче“ е актерот Сашко Коцев. Фестивалот ќе се одржува на 16 и 23 ноември во Македонскиот народен театар. Во двата термина ќе има по три претстави: од 10, 14 и 17 часот.
М. ЏАРОВСКА